Скопје, 14 ноември 2023 – Директорката на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) за Европа и Евроазија, Амбасадорката Ерин Е. МекКи, учествуваше на настаните на кои беше истакната заложбата на САД за поддршка на модерна, разновидна работна сила чиишто вештини се усогласени со пазарните потреби: „УСАИД го трасира патот кон кариери преку надградба на вештините коишто се потребни за да се изгради идната работна сила и Северна Македонија да се трансформира од место за живеење во место за просперирање“.
Амбасадорката МекКи го проследи курсот за обука по сајбер безбедност одржан во ИТ лабораторијата на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во придружба на Ендру Бранд, Раководител на програми при Британската амбасада во Скопје. Курсот за обука е резултат на соработката помеѓу УСАИД, Владата на Велика Британија, Владата на Северна Македонија и приватниот сектор, за целите на формирање работна сила во областа на сајбер безбедност во земјата. „Сајбер безбедноста е суштински фактор за општествениот и економскиот напредок“ – истакна Амбасадорката МекКи. „Со оглед на тоа дека демократијата станува дигитална, цврста заложба на САД е да ја осигурат својата отпорност кон закани од злонамерни чинители. Токму затоа УСАИД инвестира во сајбер безбедноста во Северна Македонија.“.
Сајбер нападите врз критичната инфраструктура можат да ги парализираат јавните услуги, да ги избришат дигиталните системи и да ги хакираат државните евиденции. За да се зајакне отпорноста на Северна Македонија во однос на сајбер безбедноста, УСАИД работи со операторите на критичната инфраструктура во Северна Македонија за вработените да се обучат за тоа како да спречат, како да одговорат и како да се опорават од сајбер напади.
Амбасадорката МекКи беше придружена од Министерката за труд и социјална политика, Тренчевска, на настанот за одбележување на почетокот на главната младинска активност на УСАИД којашто ќе овозможи создавање можности за младите да бидат двигатели на економскиот раст на Северна Македонија и ќе поттикне нивно активно граѓанско учество во рамките на нивните заедници. Амбасадорката МекКи ја истакна стратешката врска помеѓу јакнењето на младите од Северна Македонија и клучните регионални цели, како што се евроатлантските интеграции и регионалната стабилност. МекКи истакна: „УСАИД вложува напори за да овозможи средина во која младите имаат рамноправен пристап до добро платени работни места. Кога младите се фокусираат на иновации, тие градат успешни кариери и можат да учествуваат за целите на подобрување на граѓанскиот живот.“