(Ќафасан, Северна Македонија) За олеснување на трговијата и транспортот и подобрување на прекуграничната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, владата на САД, преку УСАИД, им помага на царинските управи на двете земји да воспостават заеднички граничен премин и заеднички контроли на најголемиот премин Ќафасан – Qafë Thanë. Заедничките гранични премини и заедничките контроли значително го намалуваат времето на поминување на стоките преку границите, а нивното воспоставување претставува исклучително важен чекор за подобра подготовка на земјите за економска интеграција во ЕУ.
Како поддршка на билатералниот рамковен договор за заеднички гранични контроли потпишан од страна на премиерите Еди Рама и Зоран Заев, Владата на САД ќе соработува со двете влади во насока на зајакнување на капацитетите на нивните царински управи за извршување на заеднички царински контроли во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.
„Овој договор ќе помогне да се изградат посилни, поодржливи и подобро поврзани економии, подобрување на животите на вашите граѓани со побрзо поврзување на вашите земји со пазарите на ЕУ и намалување на физичките бариери, отворајќи уште поголеми економски можности за целиот регион,“ изјави амбасадорката на САД во Северна Македонија, г-ѓа Кејт Мари Брнз.
УСАИД донираше 100.000 УСД за опрема, вклучувајќи и мобилни скенери, дензитометри, камери кои ќе ги користат царинските управи со Северна Македонија и Албанија. УСАИД исто така ќе обезбеди техничка советодавна помош и ќе организира студиски посети за запознавање на царинските службеници на двете земји со процесите за воспоставување, управување и раководење со заедничките царински контроли.
Амбасадорката на САД во Албанија, г-ѓа Јури Ким изјави: „Во овој регион има изрека: ‘Без алат нема занает.’ Алатките и опремата набавена од страна на УСАИД, заедно со тимската работа и тесната соработка помеѓу двете страни, ќе им овозможи на царинските власти на Qafë Thanë – Ќафасан да ги достигнат највисоките стандарди за царинските процедури, овозможувајќи на тој начин поволно бизнис опкружување и безбедносни контроли.“
Проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата (EDGE) претставува регионална иницијатива во 12 земји во Европа и Евроазија која има за цел создавање на инклузивен, одржлив економски раст и поддршка на интеграциите во рамките на регионот, како и евроатлантските интеграции.
БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИ
Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 830 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб-страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук.
.